Водечките европратеници од десницата и левицата не се откажуваат од барањето за оставка на претседателот на Европарламентот Антонио Тајани поради, како што велат, иредентистичките изјави во Базовица кај Трст.
„Да живее Трст, да живее италијанска Истра, да живее италијанска Далмација“, рече тој во говорот по повод Денот на сеќавање на жртвите на егзодусот од Истра, Риека и Далмација, одржан во италјанската месност Базовица. Со оваа изјава тој предизвика бурни реакции во Хрватска и Словенија.
Тајани вчера изрази жалење и истакна дека не сакал никого да навреди, туку сакал да испрати порака на мир.
„Не можам да го прифатам изразувањето жалење на Тајани. Наместо јасно да се извини за своите зборови, тој не критикува дека погрешно сме го сфатиле. Тоа е недозволиво и срамно за првиот човек на некоја институција на ЕУ. Ние побаравме негова оставка бидејќи стана јасно дека нему не му е жал поради она што го рекол, и ние ќе истраеме со барањето,“ изјави за словенечко „Дело“ европарламентарката Тања Фајон.
Шокиран од изјавата на Тајани е и поранешниот словенечки премиер Лојзе Петерле и потенцираше дека таквиот став е неприфатлив.
„Треба јасно да се каже дека говорот на Тајани беше од предизборна природа. Не верувам дека се занел, туку настапот беше планиран. Не станува збор само за тоа дека неговите зборови имаа силен иредентистички акцент, туку и за тоа дека се работи за италијански политичар со авторитет, претседател на Европскиот парламент, што во Италија се доживеа како глас на Брисел“, истакна Петерле.
„Говорот на Тајани не може да се сфати како прилог кон мирот, а отстапува и од начелниот однос кон сите тоталитаризми, бидејќи ги спомнува нацизмот и комунизмот, но не и италијанскиот фашизам“, нагласи словенечкиот политичар.