Ако треба да ставиме вето на процесот на преговори на Скопје со Европската унија, за да ги одбраниме нашите национални интереси, ќе го сториме тоа, уште еднаш порача лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, овој пат за време на неговиот говор од грчкиот град Јаница, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис го повтори неговиот став дека Договорот од Преспа е лош договор за Грција, договор за кој Ципрас и Коѕијас, преговарале тајно, а „Каменос беше оној кој му го даде пенкалото на Ципрас во Преспа за да го потпише договорот и исто така има голем дел од одговорноста за се што се случува“. Додаде дека по потпишувањето и ратификацијата на договорот, политичката тежина сега ја имаат тие и ќе треба да видат како можат да продолжат понатаму.
-Нова демократија го признава фактот дека денес имаме еден ратификуван меѓународен договор. Но, не ги напушта националните оружја што ги има на располагање. А ако ова значи дека треба да стави вето на пристапниот процес на Скопје во Европската унија за да ги одбраниме националните интереси, ќе го стори тоа, порача Мицотакис и додаде дека тие направиле сѐ што можеле за да го спречат договорот.
Лидерот на Нова демократија рече дека Ципрас и останатите 152 пратеници што го поддржаа договорот, со нивниот глас „ратификуваа нешто што е национално неприфатливо, признавање, не само на македонски јазик, туку во суштина и на македонски идентитет за соседите“.
-Ципрас кажа „да“ и со голема леснотија денес им дозволи на нашите соседи да се гордеат и да тврдат дека тие се Македонци. Единствени Македонци како што наскоро ќе ни кажат, рече претседателот на Нова демократија, пренесе МИА.
Мицотакис му се обрати на Ципрас, велејќи дека 70% од грчкиот народ и 80% од грчката Македонија се против договорот.