Русија не сфаќа од какви закани НАТО ќе ја штити Македонија, изјави на денешниот брифинг за новинари портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа истакна дека единствената сериозна сила која го дестабилизира регионот е војската на Косово.
„Војската на Косово, која беше формирана од страна на поранешниот албански екстремист е единствената сериозна воена сила која го дестабилизира регионот. Не гледаме ниту една друга безбедносна закана и мора да се запрашаме дали НАТО повторно ќе води војна против оние кои ги обучуваше и на кои тие им дадоа оружје“, рече Захарова, пренесува „Тасс“.
Таа посочи дека Македонија можеби нема да може да има независна надворешна политика по пристапувањето во НАТО.
„Заштитата од НАТО секако дека ќе има своја цена. Сега ја знаеме цената, затоа што Вашингтон ја соопшти. Всушност ќе мора да ги зголемат одбранбените трошоци, да платат за учество во воени подготовки и операции кои не се речиси од никаков интерес за македонскиот народ, а ќе ја изгубат можноста да се согласуваат со навистина независна надворешна политика“, рекла Захарова, пренесува руската новинска агенција „Тасс“.