Задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Македонија и Црна Гора и реафирмирање на заедничките стратешки цели, мир и стабилност во регионот и членство во европските и евроатлантските структури изразиле претседателот Ѓорге Иванов и црногорскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Игор Лукшиќ на денешната средба во Скопје.
Претседателот Иванов ја поздравил одличната политичка соработка и континуираните средби на сите нивоа, потенцирајќи дека економската соработка, инфраструктурата, регионалната соработка и соработката во евроатлантските интеграции, треба да бидат врвни приоритети во натамошните односи меѓу двете земји.
Двајцата соговорници, како што соопшти кабинетот на Иванов, ја потврдиле подготвеноста за взаемна помош и поддршка во интеграциските процеси на двете земји во Европската унија и НАТО, согласувајќи се дека интеграцијата на сите земји од Западен Балкан во Европската унија е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на регионот. Во овој контекст, претседателот Иванов посочил дека сите отворени прашања може да се решат со конструктивен пристап, со дијалог од сите засегнати страни, во духот на европската соработка и добрососедските односи.
Соговорниците изразиле подготвеност и за продолжување на соработката на мултилатерален план.