Професорката Гордана Силјановска, за која 30 професори покренаа иницијатива да се кандидира за претседател на државата, поднела кандидатура до ВМРО-ДПМНЕ за претстојната конвенција каде ќе се избира кандидат за претседател на државата, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ за „Макфакс“. Според нив, Силјановска е фаворит за претседателски кандидат на најголемата опозициска партија.
Според информации на „Макфакс“, Силјановска најдобро котирала и на внатрепартиските анкети и очекувањата во партијата се дека токму таа и ќе ја добие поддршката од најголемиот број делегати на конвенцијата на 16 февруари во Струга.
Досега се пристигнати околу 10 кандидатури, а во јавноста познати се три имиња, меѓу кои е и Влатко Ѓорчев. Другите кандидати засега не се откриваат.
Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе го бираат 550 делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ со тајно гласање. За избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број делегати.
Претседателските избори треба да се одржат на 21 април и 5 мај.
Кристијан Ландов