Централниот одбор на партијата Сојуз на Ромите вечерва донел одлука да го кандидира Амди Бајрам за претседател на државата. Бајрам го потврди ова и за „Макфакс“ вели „Ако можат другите, зошто да не можам јас“.
„Се бара консензуален претседател, па има ли подобар од мене? Колку што народот пие кока-кола, толку гласови можам да добијам. Подобро јас да одам на избори, отколку некој друг. Се што сум кажал сум исполнил. Јас сум човек од збор, тоа на ромски се вика „мануш таролафи“ и народот мене многу ми верува. Кога може некои во државата, кои сега наполниле 40 години, а не ја знае уште политиката и се пилци за тоа прашање, што остана за мене што сум од бивша Југославија. Треба еднаш да им се каже, кој и што е во државата“, вели Бајрам за „Макфакс“.
Бајрам вели дека неговата партија Сојуз на ромите во идниот период преку „Фејсбук“ ќе го проверува неговиот рејтинг и влијание.
„Ќе видиме преку „Фејсбук“ колку ќе ме лајкуваат. Се бара консензуален претседател, има ли подобар од мене? Јас се кандидирав за пратеник добив, во Шуто Оризари 5 пати ги добив локалните избори. Сега останува да видиме дали ќе ги добијам и претседателските. Важно е да се учествува, а во историјата да биде запишано дека Ромите имале свој кандидат“, додава Амди Бајрам.
Кристијан Ландов