Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори (ССК) не ги поддржува денешните протести на фелата пред Владата. Смета дека проблемите треба да се решаваат институционално.
Како што изјави претседателот Драган Митковски, Комората е и против носење на новиот закон без учество на засегнатите страни, како и против државен интервенционизам во избирањето на раководните структури во Институтот на овластени сметководители.
-Ваквото решавање на проблемите, ад-хок, во врска со донесување закони на подолг рок може да донесе голема штета за фелата. Тоа го говорам од практичен пример зашто сметководителите како сервис на државата, затоа што во нејзино име и за нејзина сметка ние ги наплаќаме даноците, е значаен фактор за стабилноста на едно стопанство. Принципиелно против сме и да се носи закон без учество на засегнатите страни, како и да има државен интервенционизам во избирањето на раководните структури во Институтот. Согласно ЕУ регулативите, дозволена е само регулација на фелата, односно државен интервенционизам во избирањето на раководните органи не е дозволиво. Тоа многу не оддалечува од ЕУ-интеграциите, истакна Митковски.