Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување во Европската комисија. На средбата се разговараше за европските перспективи на Република Македонија и очекувањата за напредок во претстојниот период.
Даниелсон упати честитки за чекорите поврзани со стапувањето во сила на преспанскиот договор и укажа на неговата важност за регионот и пошироко, како пример за добра дипломатија и надминување на високо сензитивни прашања. Даниелсон го поздрави и текот на досега постигнатото на планот на домашните реформи, со очекување за уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни.
Министерот Димитров упати благодарност до Даниелсон и Европската комисија за нивните заложби и континуирана поддршка за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија. Информираше за тековните активности поврзани со стапувањето на сила на преспанскиот договор и заложбите за остварување понатамошен напредок во реформските процеси.
Димитров се осврна и на досега постигнатите резултати во процесот на реформите, нагласувајќи дека силната политичка волја останува суштински дел од процесот. Министерот изрази очекување дека реформските резултати и крупните чекори во унапредувањето на добрососедските односи ќе обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.