Фондот на пензиско и инвалидско осигурување денеска преку соопштение наведе причини поради кои, како што вели, не се распределени осигуреници во вториот пензиски столб. Со воспоставување единствен регистар на осигуреници каде што податоците ќе бидат единствени и точни и ќе бидат користени од сите институции вклучени во интегрирана наплата на придонесот, според Фондот, ќе бидат надминати сите ризици за регистрација и распределба.
Од 1 јануари 2006 година, согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за капитално финансиско пензиско осигурување, Фондот на ПИОМ, доби надлежност да ја врши распределбата и законската регистрација на осигурениците членови на вториот пензиски столб. Основен критериум за распределба беше датумот на прво вработување, односно осигурениците на кои првата пријава на осигурување им е со датум по 01.01.2003 година, согласно законските одредби, треба да бидат опфaтени како осигуреници членови на вториот пензиски столб. Тој критериум, како што стои во соопштението, се покажал како многу тежок за имплементација од следните причини: Податоците ШТО ги користи Фондот, за спроведување на своите надлежности, се добиваат од надворешни институции по автоматски пат.
Пријавата М1 е од АВРМ, а податокот за обврзниците за плаќање на придонесот се добива од УЈП, и доколку овие податоци не се во согласност, Фондот не може да воспостави евиденција за осигурениците. Пријавата за прием во осигурување што ја пополнува работодавачот содржеше податок за првото вработување и тој податок, се користеше единствено од Фондот, при распределбата на членовите во вториот столб, а за останатите институции не беше од важност, појаснуваат од Фондот.
Уточнувањето на податоците најчесто се вршело при остварување на право на пензија. Поради тоа, информираат, распределбата на членството е проследено со потешкотии поради отсуството на единствен, кохерентен, конзистентен и одржлив систем на регистрација и водење евиденција за осигурениците. За таа цел уште во 2009 година воспоставени се дополнителни контроли за евидентирање на првите вработувања на осигурениците според евиденцијата со која располага Фондот, а не од АВРМ, со што бројот на нераспределени осигуреници почна да опаѓа.
Според анализите, најголем број нераспределени осигуреници се осигуреници на кои приемот во осигурување им е во периодот од 2003 до 2007 година, а не од 2009 и 2010 година. Ненавремената распределба на осигурениците, велат од Фондот, исто така, се должи и на честите и брзи законски измени што предизвикаа дестабилизација на процедурите за зачленување и распределба, како што бил случајот со измените на Законот со кој договорите за дело се воспоставија како основ за прием во осигурување, како и измените на Законот со кои се предвиде ослободување од плаќање на придонесите за определен период и определни осигуреници (субвенционирани осигуреници)
– Од вкупниот број на околу 12.000 нераспределни осигуреници, за повеќе од 4.000 осигуреници, воопшто нема уплата на придонес од страна на работодавачите. За нив е евидентиран само прием во осигурување и за нив нема последици во однос на сметката во вториот столб бидејки немало уплати на придонес. Мора да се потенцира дека сите нераспределни осигуреници во вториот столб, се евидентирани како осигуреници членови само на првиот столб и нивните уплати на придонесот се користени за потребите на Фондот, како што се користи и придонесот кај останатите осигуреници кои според законската регулатива се членови само на првиот столб, стои во соопштението.
Исто така, се додава, Фондот не располага со посебна алатка за уточнување на податоците и во најголем број од случаите уточнувањето на податоците се врши по поднесување барање за пензија. Во тој момент осигурениците почнуваат активно да се вклучуваат во ажурирањето на сопствените податоци. Фондот повеќе пати во текот на своето работење ја укажува потребата од воспоставување единствен регистар на осигуреници каде што податоците ќе бидат единствени и точни и ќе бидат користени од сите институции вклучени во интегрирана наплата на придонесот. На овој начин сите ризици за регистрација и распределба би биле надминати, сметаат од Фондот за ПИОМ.
Оттаму наведуваат и дека со преминувањето кон интегрирана наплата на придонесот ја изгубиле надлежноста за контрола и наплата на придонесот, со што се изгубила и можноста да се врши присилна наплата, а и воедно корекција на податоците за осигурениците.
– Од овие причини постојат осигуреници за кои нема уплата на придонес. Се надеваме дека во брзо време ќе се создадат услови за формирање на единствена евиденција на осигурениците која ќе се користи од сите институции при остварување на правата. Со што би се избегнале сите неусогласениости кои претпоставуваме ги има во другите институции вклучени во овој процес, соопшти Фондот.
Во насока на обезбедување на реални права на осигурениците и надминување на констатираните проблеми, во Фондот во текот на претходните години, биле спроведени анализи на евиденцијата, анализи на деловните процедури, со цел да се изврши подобрување на постојниот пензиски систем во интерес на осигурениците. Исто така, според овие анализи, биле донесени и новите законски решенија, а истовремено Фондот почнал со подобрување на деловните процеси и зајакнување на сите контролни критериуми во водењето на евиденциите и распределбата на членството. Во оваа насока во тек е и унапредување на огранизациската поставеност во Фондот со формирање посебен оддел што ќе се грижи исклучиво за членството во вториот столб. На овој начин се очекува надминување на проблемите кои досега се јавуваа во воспоставувањето и водењето на евиденцијата, стои во соопштението од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
Претходно денеска Министерството за труд и социјална политика достави кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство. Покрај пријавата, доставени се и сите документи од анализата на пензискиот систем со која се откриени неправилностите при распределбата на средствата.
Викендот на прес-конференција министерката за труд и социјална политика Мила Царовска обелодени дека на 12 илјади осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се во двостолниот пензиски систем, повеќе години не им биле префрлани средства во вториот столб.