Со кожувчиња, грпки и бради, исцрнети лица од саѓи, клопотарци и стапови, со кои правеа врева, џоломарите од кавадаречкото село Сопот бркаа лоши духови во градот Перник, соседна Бугарија. Изминативе три дена, тие беа дел од меѓународниот карневал под маски, кој постои од 1966 година.
Низ центарот на градот продефилираа над осум илјади учесници во повеќе групи. Секоја од нив ги носеше со себе и сопствените автентични традиционални игри и обичаи со маски. Седумнаесет од нив беа од странство. Македонија учествуваше со неколку карневалски групи.
– Чест ни е и задоволство што и оваа година сме дел од оваа карневалска забава. Ја претставуваме традицијата за маскирање во нашиот крај. Ние всушност, на симболичен начин, го бркаме злото и правиме место за доброте нешта. Неколкумина мажи се преправаме со страшни маски, за добрината да ја победи лошотијата. Во групата имаме и двајца мажи преправени во невеста и баба, кои пак ги симболизираат плодноста и младоста од една, но и мудроста од друга страна. Двете девојки кои ги гледате, ја претставуваат убавината на животот откако ќе замине злото и ќе загосподари доброто, рекоа сопотските џоломари за МИА.
Според организаторите, карневалските групи од различни страни на светот доаѓаат во Перник за да ја почувствуваат магијата на играта и песната, да ги видат и допрат маските што ја претставуваат историјата, традицијата и културата на одредено парче земја.
Сопотските џоломари најавуваат учество и на фестивалите во Словенија и бугарскиот град Јамбол, доколку обезбедат финансии за патување.