Претседателот Ѓорге Иванов денеска имаше средба со пратеници од Европскиот парламент, припадници на групата на Европската народна партија, Јержи Бузек од Република Полска, Туне Келам од Република Естонија, Мирослав Миколашик од Словачка Република и Ласло Токес од Романија.
Иванов оствари средба и со членовите на Работната група 3 на Европската народна партија, предводена од Корин Вортман-Коол, потпретседател на ЕНП и европратеник од Холандија.
На средбите со европратениците и со членовите на Работната група 3, како што соопшти Кабинетот на претседателот, биле разменети мислење и информации околу интеграцискиот процес на Република Македонија, напредокот во клучните реформски области, како и европската перспектива на земјата во пресрет на пролетниот извештај на Европската комисија и Европскиот совет во јуни.
Претседателот Иванов, на двете средби, изразил задоволство од континуираната поддршка од Европскиот парламент на европската интеграција на Република Македонија и го поздравил ангажманот на Европската народна партија на овој план.
– Заедничка констатација на европратениците е дека Република Македонија постигна напредок во процесот на евроинтеграциите, за што ужива целосна поддршка од Европскиот парламент да ги почне преговорите за пристапување во Европската унија, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.
На средбите биле разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во државата, бојкотот на опозицијата и можностите за надминување на ситуацијата.
Европратениците ги поздравиле заложбите и иницијативата на претседателот Иванов за изнаоѓање решение за политичката ситуација и потенцираа дека од суштинско значење за натамошниот интеграциски процес на Република Македонија е демонстрирање внатрешно единство, функционирање на институциите во полн капацитет и надминувањето на политичката состојба.
Претседателот Иванов нагласил дека Република Македонија веќе четири години чека почеток на пристапните преговори, нешто што одамна го заслужи. – Доколку Република Македонија го добиеше датумот на декемврискиот совет, денес веројатно немаше да се соочуваме со ваква политичка состојба, истакна Претседателот, дополнувајќи дека за Република Македонија и нејзините граѓани очигледно не се применливи позитивните примери на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања, посочил македонскиот претседател.
Иванов ги запознал европратениците со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името кој се води во Обединетите нации, како и за посветеноста на Република Македонија во градењето на добрососедските односи и посветеноста на регионалната соработка.
Во тој контекст, претседателот Иванов ги информирал европратенците со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, посочувајќи дека оваа регионална иницијатива е можност за реафирмирање на посветеноста на земјите од регионот за имплементирање на европските стандарди и реформи.