Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми поведува постапка против 1 ТВ поради наводно скриено сопствеништво. На утрешната седница на дневен ред е ставено разгледување на предлог-одлука за поведување постапка за утврдување постоење повреда на член 34 кај 1 ТВ ДООЕЛ Скопје. Постапката се поведува бидејќи Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, на јавните настапи се претставува како сопственик на телевизијата иако формално-правно не е.
Членот 34 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиуми забранува таен содружник, односно „радиодифузер не може да има таен содружник кој учествува со паричен или непаричен влог во радиодифузер“. Доколку се утврди дека еден медиум има таен содружник, АВМУ може да ја одземе лиценцата за работа на медиумот.
Сопственик на 1 ТВ, според податоците од Централниот регистар, е фирмата БМЈ Медиа груп, а директори се Јасна Мандиќ и Јасна Ерцеговиќ.
Како сопственици на БМЈ Медиа груп, пак, повторно се јавуваат Јасна Мандиќ и Јасна Ерцеговиќ, но и таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, кој воедно е и директор на фирмата. Името на Боки 13 не фигурира никаде во официјалните документи, а тој во интервјуата што ги дава на телевизијата се претставува како нејзин газда.
БМЈ Медиа груп и 1ТВ имаат седиште на иста адреса, Скупи 3/17.
1ТВ беше основана на 28 март минатата година. Иако во програмата телевизијата се најавува како најгледана, официјалните податоци говорат дека таа кон почетокот на месецов имала гледаност од 1 до 2 проценти, во зависност од денот. Колку за споредба, телевизија „Сител“ во истиот период имала гледаност од 18 до 23 проценти и таа е на врвот по гледаност.
Во моментов телевизијата ја следи скандалот со емисијата „Македонски инсајдер“, за која бизнисменот Зоран Азманов обвини дека бил рекетиран, Бојан Јовановски ги демантираше обвинувањата, а во меѓувреме се јави и српскиот „Инсајдер“, од каде најавија тужба бидејќи 1ТВ го користела нивното лого, а не поседувала лиценца за да го користи форматот на телевизијата. Емисијата „Македонски инсајдер“ засега е на ниво на најави.
Мери Јордановска