По добиеното известување од Министерството за животна средина дека два дена последователно е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (т.е. надминување на вредноста од 188 микрограми на кубен метар) во Битола, Тетово, Струмица и Скопје, Владата соопшти дека стапуваат во сила мерки и препораки за чие спроведување ги задолжува надлежните министерства и институции.
МЖСПП и Министерството за здравство се задолжени да им препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Да им препорачаат на работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата е задолжена да им наложи на сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и акционерските друштва во државна сопственост, како и единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.
Министерството за труд и сцојална политика, во соработка со Црвениот крст и здравствените домови да им обезбеди прифатилиште за сместување на бездомниците и да организираат посети за поддршка на стари и осамени лица
Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух. МЖСПП, пак, треба да им препорача на инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола да го намалат капацитетот на производство (до 50 прценти). Од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои произведуваат топлинска или електрична енергија.
Единиците на локалната самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.