Претстојното круцијално гласање на британскиот Парламент за Договорот за Брегзит ги води ЕУ и Велика Британија кон непознатото, бидејќи на маса се сите опции, а загриженоста расте пред можните сценарија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Британската премиерка Тереза Меј најверојатно нема да ја добие поддршката од Парламентот за Договорот за истапување на Обединетото Кралство од ЕУ. Главното прашање кое се поставува денеска во Брисел е дали ова гласање ќе биде тесно или комплетно фијаско за Меј. Од тоа ќе зависат и следните чекори во Лондон – нов референдум, предвремени избори, напуштање на ЕУ без договор или пак, она што до скоро беше незамисливо, одлагање на Брегзитот.
Иако никој тоа не го кажува јавно, дипломатите во Брисел сѐ почесто тврдат дека со оглед на неизвесноста на Брегзит без договор, ЕУ би можела да прифати одлагање на напуштањето на Британците за по закажаниот датум – 29 март.
Никој во Брисел не ја крие загриженоста од состојбата во Велика Британија, иако за сега ЕУ не и ги понудила на Тереза Меј гаранциите што таа ги бараше за да може да протурка изгласување на Договорот во Вестминстер.
Се чини дека најголемиот дел од работата се врши зад затворени врати.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пред неколку дена, одговарајќи им на новинарите на прашање околу Брегзитот, само кусо изјави: „оставете ме да работам“, сугерирајќи дека ја контролира ситуацијата.
Во писмото испратено вчера од страна на главните европски институции до Лондон, Јункер и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, ги повторуваат истите точки: гаранции дека т.н. „бекстоп“ (заштитен механизам) за ирската граница ќе биде само привремен и ќе биде отстранет штом Лондон и Брисел постигнат договор за нивното идно трговско партнерство. ЕУ уверува дека трговскиот договор брзо ќе биде склучен. Но, судејќи по вчерашните реакции во Лондон, овие гаранции не ги задоволија британските пратеници.
Со оглед на конфузијата која ќе настапи по денешното гласање во Лондон, Брисел се подготвува за одлагање на Брегзитот. Меѓутоа, најгорливото прашање кое се поставува во тој случај е организацијата на следните избори за Европскиот Парламент, пишуваат денеска медиумите.
Доколку одлагањето на Брегзитот се закаже за по овие избори, дали Велика Британија ќе учествува на нив? Ако учествува на изборите, тоа ќе значи дека британски европратеници ќе бидат избрани со петгодишен мандат. Правната замка на ваквото сценарио е нерешлива дури и за креативните бриселски умови, коментира денеска францускиот весник „Монд“ во својот коментар за Брегзит.
Според анализите, договорот за Брегзит денеска ќе биде отфрлен во Вестминстер од околу 360 од вкупно 650-те пратеници односно 55 отсто од гласовите.