Дискриминација на инвалидите во БиХ

Од:

Дојче веле – Бон

За ист степен на оштетување, воените и цивилните инвалиди во БиХ се третираат целосно различно. Разликите во износ на државната помош речиси се десеткратни.

Превозот со санитетско возило до клиниките за медицински истраги на Жељани не е достапен.

Една пациентка, иако целосно слепа, нема право на таква услуга. Меѓутоа, како сопруга на воен инвалид, превезена е на саканата локација без проблем. Овие парадокси во Босна и Херцеговина се случуваат секојдневно. Наспроти бројните апели и понатаму е присутна системска дискриминација на лицата со инвалидитет според причината на настанокот на инвалидитетот. Инвалиднината и надоместот за туѓа нега и помош се нешто поголеми во Федерацијата БиХ. Но, обесправеноста е еднаква во цела земја.

Во БиХ постојат три категории за лица со инвалидитет. Тоа се воени инвалиди, цивилни жртви на војната и цивилни инвалиди чија причина за настанок на инвалидитет не е од воен карактер.
Разликата во надоместот во Федерацијата БиХ е 1:5

Иако потребите на овие граѓани се често исти, правата и бенефициите за трите категории на инвалидитет драстично се разликуваат. Така на пример, лице кое е слепо, а е воен инвалид, има право на инвалиднина, туѓа нега и помош, надомест за ортопедско помагало, предност при вработување, станбено згрижување, бањи и климатско лечење, бесплатен паркинг, право на олеснување при увоз на автомобил, предност при чекање во редови, додека целосно слепо лице од раѓање од сето тоа има само туѓа нега и помош.

– До пред неколку години тоа беше табу тема во нашето општество. За тоа не се зборуваше, никој не ни бараше состојбата да се промени. Конечно работите се мрднаа од мртва точка, се покренуваат иницијативи за промена на законот – објаснува Елвира Бешлија, генерален секретар на Сојузот на параплегичари и заболени од детска парализа во Федерацијата БиХ.

Колкава е разликата во остварување на правата, најлесно илустрираат податоците за паричните надомести. За најтежок облик на инвалидитет во Федерацијата БиХ, лице кое поради повреда или од раѓање е неподвижно, од државата добива 403 КМ надомест, додека за ист степен на оштетување воен инвалид има околу 1.800 марки. Бешлија наведува дека во Република Српска состојбата е уште полоша, бидејќи цивилните инвалиди до лани примале само 45 марки надомест, а денес максимално 165 КМ. – Не бараме тие да се изедначат со нас, туку ние со нив – додава Бешлија.

Кршење на основните човекови права

БиХ ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за права на лица со инвалидитет во 2010 година, со што се обврза на обезбедување на исти права на сите лица со инвалидитет без оглед на причината и начинот на настанокот на инвалидитетот.

Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Бања Лука веќе две години спроведува проект на ОН Имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со инвалидитет во БиХ.

– Законите не се усогласени со конвенцијата, дискриминацијата е очигледна. Тој проблем не се решава бидејќи е многу замрсено прашање. Боречката популација се плаши дека нивните права ќе бидат скусени, дека инвалиднините ќе им бидат намалени – вели Младен Протиќ, координатор на овој проект.

Министерството за човекови права и бегалци во БиХ е надлежно за следење на исполнување на целите од конвенцијата. Откако ќе се соберат податоците од теренот, извештајот и препораките јавно се објавуваат, но предложените мерки не се обврзувачки. – Министерството сеуште не следи во која мера се извршуваат и спроведуваат препораките, тоа може да се очекува дури следната година – вели Салиха Ѓудерија, помошник мин. за човекови права на БиХ.

Билјана Недиќ неодамна платила казна за паркинг. Иако е неподвижна, таа нема право на картичка со која може да се паркира на обележано место, наменски паркинг место за корисници на инвалидски колички.

– Буквално поради насловот на мојот наод јас немам такво право. Само воените инвалиди имаат решение за процент на инвалидитетот кој се бара. А содржината на наодот е целосно иста, кај мене исто така стои дека сум 100 отстотен инвалид, но тоа не важи – вели Билјана.

Таа потсетува на тоа дека паркинг местото за лица со инвалидитет е многу поширок од другите и дека само тука сигурно може да ја изнесе количката од автомобилот. Огорчена е што според важечкиот закон всушност се злоупотребува налепницата која стои на нејзиниот автомобил.

Ни работа, ни инвалиднина

– Ако веќе не можат да не изедначат и да ни дадат инвалиднини, зошто не ни одобрат бенефиции на струјата, водата, за купување на одредни производи и тоа би ни го олеснило животот – прашува Жељана Дошлиќ од Бања Лука. Таа завршила средно училиште за телефонистка, а работела само шест месеци. Работата многу би и значела вели таа, но невозможно е да се дојде до работа. БиХ и нејзините ентитети со устав гарантираат највисоко ниво на меѓународно признати човекови права и се обврзаа дека на сите граѓани ќе обезбедат рамноправно и целосно ќе ги уживаат и остваруваат сите човекови права, како и правото на работа, вработување и заштита од дискриминација по било кој основ, а со тоа и врз основ на инвалидитетот.

Во соработка со Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Бања Лука, Антикултурниот театар Алија Сиротановиќ, неодамна изведе претстава под името Чии се поголеми…? Целта е на комичен начин да се зборува за дискриминацијата над една категорија на лица со инвалидитет. Еден од многуте апсурди е и чекањето во редови во јавните институции, банките и слично, каде воените инвалиди имаат предност во однос на другите категории, без оглед на тоа што телесно оштетување е утврдено и кај едните и кај другите.

Би можело да ве интересира

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина