Ракетниот штит „железна купола“ кој беше изутринава поставен од израелската војска успешно пресретна две ракети од иранско производство кои требаше да паднат на тел Авив.
Одговорноста за ракетите ја презеде военото крило на Хамас. Полицијата потврди дека ракетите биле пресретнати, и дека не паднале на земјата.
Претходно четири ракети биле испукани на градот Ашдод на југот на земјата, а извештаите говорат дека нема жртви. Израелската војска јави дека „ракети од Газа го погодиле Ашдод, една паднала на куќа, една на автомобил, една покрај градинка и 1 на отворен простор“.
Пред денешниот напад на Тел Авив, Израел изведе 200 воздушни напади во појасот Газа, при што ја погоди канцеларијата на премиерот Исмаил Ханиј од Хамас, зградата на полицијата и тунели за криумчарење на оружје.
Продолжи и ракетирањето на првобитните мети како што се магацини за оружје и подземни рампи за испукување на ракети.
Осум луѓе се убиени во појасот Газа, а 3о се ранети во најновите напади на израелската армија. Со тоа бројот на палестинските жртви се искачи на 38, вклучувајќи и седум деца.
Тројца Израелци беа убиени во четвртокот во најновата есклација на судирите кога почна со убиството на командирот на военото крило на Хамас во израелскиот воен удар кој се заканува да прерасне во поширок судир.
Четворица израеслки војници беа денеска ранети во близина на појасот Газа, од ракетен оган, соопшти армијата.