Поранешниот француски претседател Жак Ширак годинава нема да го помине летото во Сент Тропе, како што летуваше последните неколку години по истекот на неговиот мандат во 2007 година, јави дописникот на МИА од Париз.
Ширак посебно му беше верен на кафулето „Сенекие“ на чија тераса знаеше да помине пријатни моменти во друштво со останатите гости и минувачи, под не секогаш одобрувачкото око на неговата сопруга Бернадет. Ширак нема да летува во Сент Тропе поради неговата здраствена состојба, иако официјално се наведува дека тоа е поради отсуството на семејството Пино, кое секоја година го примаше поранешниот претседател во нивната вила.
Летово Ширак остана во Корез. Француските медиуми објавија дека Ширак лишен од Сент Тропе, тој се сврти кон едно друго забрането „задоволство“ – цигарата.
Според весникот „Суд-Уест“ Ширак почнал повторно да пуши ова лето, но тоа не било лесно бидејќи тој е под будното око на неговата сопруга Бернадет и неговата ќерка Клод. Така Ширак се крие за да пуши. Поранешниот претседател има осумдесет години, а според весникот, цигарите ги палел во тоалетот. Ширак прекинал со пушење во 80-те години.
Францускиот претседател во својот замок Бити во Корез, според пишувањето на весникот, се досадувал и посетите му биле многу ретки. За среќа актуелниот претседател Франсоа Оланд го изненадил пред неколку денови, посетувајќи го во замокот.
– Тоа скоро ме погоди, бидејќи се погрижи да биде во најдобрата форма, објаснува актуелниот претседател, при што двајцата размениле мислења, но и шеги.
Двајцата претседатели, поранешниот и сегашниот на некој начин се поврзани, двајцата беа пратеници од Корез и од таму запонаа со походите кон Елисејската палата. Во Франција имаше гласини, пропратени и со видео-снимка во која Ширак тврди дека на минатогодишните избори планирал да гласа за Оланд, а не за Никола Саркози, иако тој беше кандидат од неговата партија.
Од Корез, според весникот „Суд-Уест“, Ширак планира да помине дел од летото во Мароко, поточно во Тарудан.