Зголемена закана од злоупотреба, експлоатација и смртност кај децата мигранти

Од:

Девет од десет деца бегалци и мигранти кои оваа година пристигнуваат во Европа преку Италија се непридружувани, заради што УНИЦЕФ предупредува на зголемената закана од злоупотреба, експлоатација и смртност со кои тие се соочуваат.

Во извештајот, Опасност на секој чекор по патот, објавен денеска, УНИЦЕФ наведува дека 7,009 непридружувани деца преминаа од Северна Африка во Италија во првите пет месеци од годината, што е двапати повеќе од минатата година.

Извештајот ги документира застрашувачките ризици кои адолесцентите ги преземаат во нивниот обид за бегство од конфликти, очај и сиромаштија.

Вкупно 2,809 смртни слуучаи се евидентирани во Медитеранот помеѓу 1 јануари и 5 јуни 2016, споредено со 3,770 во текот на целата година лани. Поголемиот дел од нив се наоѓале на рутата по централниот Медитеран – и повеќето биле деца.

Непридружуваните деца главно се потпираат на лицата кои криумчарат мигранти, честопати според системот „ќе платиш по патот“, заради што се отворени можностите за нивна експлоатација.

„Ако се обидеш да бегаш, ќе пукаат во тебе и ќе умреш. Ако престанеш да работиш, ќе те претепаат. Тоа беше налик на трговијата со робови,” Аимамо, 16 години, говореше за фармата во Либија каде тој и неговиот близнак брат работеле два месеци за да им платат на криумчарите. „Еднаш решив да одморам само 5 минути, но еден човек ме претепа со палка. По работата, не заклучувааа внатре.”

Некои се сексуално злоупотребени и експлоатирани. Италијанските социјални работници го известуваат УНИЦЕФ дека и момчиња и девојчиња се сексуално злоупотребени и приморани да се бават со проституција додека се во Либија, и дека некои од девојчињата биле бремени кога пристигнале во Италија бидејќи биле силувани.

Меѓутоа, заради нелегалниот карактер на криумчарењето луѓе, не постојат веродостојни податоци кои покажуваат колку од децата мигранти и бегалци умираат, исчезнуваат во присилна работа или проституција, или остануваат притворени.

„Тоа е една премолчена и очајна ситуација- далеку од очите и вон умот. Сепак, десетици илјадници деца секојдневно се соочуваат со опасност и стотици илјадници се поподготвени да ризикуваат сé,” рече Мари Пјер Порие, специјален координатор за бегалци и мигранти во Европа. „Потребно е итно да ги заштитиме овие деца од секаков тип на злоупотреба и експлоатација од страна на оние кои ја искористуваат ситуацијата за да им го украдат сонот”.

Со почетокот на летото на Медитеранот, последните податоци за децата на рутата на Централен Медитеран може да бидат врв на сантата лед, според УНИЦЕФ. Моментално, уште 235,000 мигранти се наоѓаат во Либија, а десетици илјадници од нив се непридружувани деца.

„Секоја земја – од каде децата заминуваат, која децата ја преминуваат и каде децата бараат азил—има обврска да воспостави системи за заштита кои се фокусираат на ризиците со кои се соочуваат непридружуваните деца. Во Европската унија и другите земји на дестинација, постои можност за реформа на политиките и законодавството со кои се создаваат поголеми можности за безбедни, законски и редовни канали за тие деца”, рече Поире.

Би можело да ве интересира

Повеќе од 35.000 мигранти пристигнаа во Велика Британија оваа година

Велика Британија исели речиси 13.500 мигранти

ВИДЕО: Лос Анџелес станува „град засолниште“ за мигранти пред доаѓањето на Трамп

Катерина Ѓуровски

Лишен од слобода криумчар на мигранти

Шолц е скептичен кога станува збор за прифатните центри за мигранти надвор од ЕУ

Приведен радовишанец кој превезувал осум мигранти од Непал

A1on