Чешкиот претседател Милош Земан во разговор за весникот ,,Финаншл тајмс” изјави дека економските бегалци треба да се депортираат во ,,празните места” во северна Африка или на ненаселени грчки острови, а чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек негираше дека тоа е официјален став на земјата, јави дописникот на МИА од Прага.
– Се разбира дека знаеме за злосторствата во граѓанската војна во Сирија, Ирак и така натаму. Но, сега не зборуваме за тие луѓе, зборуваме за економските мигранти, изјави Земан за ,,Финаншл тајмс” во разговор кој го даде на островот Родос каде учествуваше на конференцијата Дијалог на цивилизациите.
Според Земан, Грција би можела со создавање на места за бегалци да го исплати долгот кој го има кон Европската унија (ЕУ).
– Ние сме во Грција, таа има доста ненаселени острови и голем надворешен долг. Формирање на ,,хот спотови” на грчките острови би можело да ги отплати долговите, оцени Земан.
Друга варијанта за сместување на економските мигранти за чешкиот претседател се некои ,,празни” делови на северна Африка, не давајќи поголеми детали за овој предлог.
Земан рече дека не е против бегалците кои во Чешка доаѓаат од Украина, Виетнам, Русија, Белорусија, Србија и други земји, туку само против исламските мигранти бидејќи смета дека културите им се сосема некомпатибилни.
Притоа, тој ја додаде својата омилена споредба на Исламската држава (ИД) и нацизмот, предупредувајќи дека и ,,мирните муслимани” во Европа можат под влијание на екстремистите да се радикализираат исти како и Германците во 30. години на минатиот век под влијание на нацизмот.
Шефот на чешката дипломатија Заоралек за чешката телевизија ЧТ денеска изјави дека оваа изјава не е официјален став на Чешка кон миграциската криза.
-Ние не можеме да им кажуваме на Грците на кого треба да им ги даваат островите, подвлече Заоралек, додавајќи дека Европа ќе мора да воведе одредени ограничувања кои се однесуваат на економските мигранти, бидејќи нејзината ,,апсорпциска моќ” е нарушена.