Претседателот на Чешка, Милош Земан смета дека примањето на бегалци од Сирија во неговата држава не е среќно решение, но поддржува хуманитарна помош во нивната или соседните држави, јави дописникот на МИА од Прага.
Земан, истовремено го повтори својот претходен став дека доселениците кои не успеваат да се прилагодат на правилата во новите татковини треба да ја напуштат земјата-домаќин.
Чешкиот претседател, наведувајќи ги како пример Велика Британија и Германија, рече дека протерувањето на радикалите не е ништо ново. Тој додаде дека тоа би требало да се однесува и на оние кои на социјалните мрежи се закануваат со терористички напади.
Чешката Влада денеска се согласи со давање азил на околу 70 бегалци од Сирија, претежно семејства со деца, кои моментално се наоѓаат во Јордан.