Чешкиот претседател Милош Земан, денеска одржа говор пред демонстрантите кои се собраа на плоштадот Албертов во Прага, организирани од Блокот против исламот, јави дописникот на МИА.
Земан, говорот го почна со едноминутно молчење за жртвите на нападите во Париз.
Тој потсети на 26-годишнината од Кадифената револуција, кога почнаа масовните протести со што почна падот на комунистичкиот режим во тогашна Чехословачка. Како и на почетокот на студентските демонстрации на денешен ден во 1939 година кога студентот Јан Оплетал беше убиен од нацистите.
– Овој народ заслужува да владее сам и никој од надвор да не му диктира што треба и што не треба да прави, рече Земан.
Според Земан оние кои се против миграциската криза не треба да бидат „етикетирани“ како исламофоби, расисти или фашисти.
– Етикетите и прозивките не се аргумент. Исто така и викањето не аргумент. Викањето и галамата е манифестација на фашистите и стадата, кои тука се сретнаа минатата година, рече Земан потсетувајќи на минатата година кога кон него беа фрлани јајца.
Земан изјави дека чешкиот народ не е ксенофобичен. Тој потсети дека во Чешка живеат многу странци кои не прават проблеми, затоа што имаат иста култура.
– Тоа не е култура на убијци и општество на омраза, рече Земан.
Неговиот говор беше прекинуван со аплауз и скандирања „Да живее Земан“.
Тој оцени дека претседателот на државата треба да биде глас на народот.
Настанот беше организиран од Блокот против исламот „за поддршка на ставовите на претседателот на државата за имиграцијата и исламот“.
Земан постојано ги критикува бегалците и смета дека треба да останат во близина на границите на своите држави.
Премиерот Бохуслав Соботка пак, ја повика јавноста, гневот кој го чувствуваат против терористите да не го насочуваат кон бегалците.