Чешкиот претседател Милош Земан изрази сомнеж во смислата на постоењето на Горниот дом на Парламентот – Сенатот, иако како што изјави е свесен дека тоа е гарант за демократијата, јави дописникот на МИА од Прага.
Ова прашање се отвори по последните избори за една третина на членови на Сенатот, одржани неодамна кога учеството на гласачи беше многу ниско, 15,4 проценти.
– Изгледа на луѓето им е сеедно дали Сенатот постои, бидејќи да го ценеа тоа, учеството ќе беше поголемо. Жал ми е поради тоа, изјави Земан за државната телевизија ЧТ.
На изборите, најуспешни беа Демохристијаните КДУ-ЧСЛ, кои освоија девет од 27 мандати, додека останатите членови на владината коалиција, движењето АНО и Социјалдемократите освоија три односно два мандати.
Сомнеж за користа од Сенатот, веднаш по изборите изрази и лидерот на АНО, актуелниот вицепремиер и министер за финансии Андреј Бабиш, кој не ја крие амбицијата по парламентарните избори идната година да седне во премиерската фотеља.
Неговите противници, тврдат дека идејата за укинување на Сенатот е резултат на неговата повредена суета заради слабите резултати на изборите за дел од сенатскиот состав.