Чешкиот претседател Милош Земан денеска ги коментираше критиките на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со миграциската криза, јави дописникот на МИА од Прага.
– Ангела Меркел направи две грешки. Првата беше кога Германија ги покани сите Сиријци и наеднаш што се случи? Сега секој е од Сирија, рече Земан.
Тој додаде дека сите бегалци имаат лажни сириски пасоши или немаат воопшто никакви.
– Тие се од Авганистан, Пакистан, дури и од Сенегал. Меѓу другото и од Албанија и Косово, што е интересно, рече Земан, според кого втората грешка на Меркел е што не се постави лимит за примање бегалци.
Чешкиот претседател е постојан противник на миграцијата и предупреди дека доколку продолжи бегалската криза, нема да дојде до нова светска војна, но ќе почне уништување на европскиот културен, социјален и политички систем.