Претседателот на Чешка, Милош Земан за време на престојната посета на Јордан, ќе го одликува кралот Абдула Втори со орден „Бел лав“ и на тој начин ќе му изрази поддршка во борбата против тероризмот и ќе повика за широка поддршка на арапските земји.
Ова денеска го изјави чешкиот претседател, истовремено отфрлајќи го ставот дека арапските земји треба сами да се справат со тероризмот, повторувајќи дека тоа би било исто како некој да ги советувал Германците за време на Втората светска војна, сами да се справат со Хитлер, јави дописникот на МИА од Прага.
Земан, исто така, рече дека тој се противи на воведување на гранични контроли во Шенген зоната, бидејќи тоа би значело нејзино укинување и ограничување на слободата на движење. Тој рече, дека според негово мислење против исламските терористи не треба да се војува со граничните контроли, туку како што и претходно предлагаше, со операции за отстранување на терористичките воени и тренинг бази во светот.
Земан, во официјална посета на Јордан заминува в понеделник, а ќе ги посети и Обединетите Арапски Емирати, каде со тамошните претставници ќе разговара за безбедносните прашања што се однесуваат на Исламската држава.
Чешкиот претседател долго време ја критикува сунитската екстремистичка група ИД и ја смета за главна опасност во светот.
Според неговиот Кабинет, Земан ќе зборува и за мирно решение во регионот во контекст на сириската криза, како и за резултатите од така наречената Арапска пролет.