Чешкиот претседател Милош Земан нема да присуствува на воената парада во Москва на 9 мај, туку само на свечената церемонија, информираше портпаролот Јиржи Овчачек, откако јавноста го критикуваше заради најавеното учество на воената парада на Црвениот плоштад.
Речиси сите европски политичари го одбија учеството на прославата на
70-годишнината од завршувањето на Втората светска војна поради ставот на Русија во конфликтот во Украина, јави дописникот на МИА од Прага.
Според претседателскиот Кабинет, за време на воената парада, Земан ќе оддржи средба со словачкиот премиер Роберт Фицо.
Фицо засега не го потврди своето присуство во Русија, додека претседателот на Словачка, Андреј Киска одби да учествува.
Земан, кој претходно најави дека ќе учествува на воената парада, на која ќе присуствува и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, наиде на голема критика од коалицискиот партнер во Владата и опозицијата.
– Ставот на претседателот го поздравувам и мислам дека е разумен чекор. Тоа им остава простор и на коалициските партнери да ја поддржат неговата посета на Москва по повод крајот на војната, изјави премиерот Бохуслав Соботка.
Одлуката на Земан ја поздрави и опозицијата.