Чешкиот претседател Милош Земан во својата Божикна порака, освен на состојбите во својата земја се посвети и на актуелните прашања поврзани со миграцијата, тероризмот, Брегзит.
– Поголемиот дел од вината е на сегашното раководство на Европската унија (ЕУ), која е бирократска, рече Земан во врска со Брегзит, упатувајќи критики кон Унијата дека не може да ги заштити своите надворешни граници.
Земан потсети и на терористичките напади во Европа, додавајќи дека „денес веќе никој не се сомнева за врската меѓу миграцискиот бран и терористичките напади”.
Чешкиот претседател го повтори своето незадоволство од ЕУ задолжителните квоти за примање на бегалци од земјите членки, конкретно за Чешка, обврската е да прими 6.200 бегалци.
– Сместувањето во Чешка на муслимански бегалци кои тешко се вклопуваат во средината, би значело создавање на масовна поддршка за можни терористички напади и пред тоа сакам сериозно уште еднаш да предупредам, порача Земан.
Тој смета дека помошта треба да се концентрира во земјите од каде бегалците доаѓаат, во случајот Грција и Италија, кои се соочуваат со миграциските бранови.
Земан во својот говор изјави и дека е против обидите за цензурирање на Интернетот, изразувајќи го на тој начин својот став во врска со идејата во Чешка да се формира Центар за борба против дезинформации во сајбер просторот.