Чешкиот претседател Милош Земан се изјасни кон можни форми на приклучување на Чешка кон борбата против тероризмот, јави дописникот на МИА од Прага. Според Земан, најважна е заштитата на границата на земјата.
– Останувам на мислењето дека преминување на границата е кривично дело. Треба да се постави Армијата и полицијата на границите и да се враќаат луѓето право од границата и да не се сместуваат во прифатилишта, рече Земан во интервјуто на приватната локална телевизија „Прима“, додавајќи дека ЕУ се покажа неспособна да ги заштити надворешните граници на одделните земји. Земан го отфрли тврдењето дека нема многу мигранти во земјата.
– Доколку Австрија и Германија ги затворат границите, Чешка е на патот до Германија. А доколку Германија почне да ги враќа економските мигранти, тогаш тоа ќе биде кон нас, тврди Земан.
Земан не се согласува со тоа Чешка да не се брани по судски пат против обврзувачките квоти за примање бегалци, како што тоа го направи Словенија и според него на тоа се подготвува и Унгарија. Чешката Влада соопшти дека нема да се приклучи кон тужбата на Словачка по ова прашање.
За него, таквата одлука е разочарувачка исто како кога Полска го смени својот став и се согласи со квотите на бегалци кои ги одреди ЕУ.
– Не би требало да правиме „сопки“ бидејќи така придонесуваме за распаѓање на Вишеградската четворка, која кога би била единствена би претставувала сила, рече Земан.
Тој повторно предупреди пред опасноста од Исламот, за кој смета дека е култура која не е споива со европската култура”.
– Доведена е состојбата до „ад абсурдум“, ќе ги симнеме крстовите од ѕидовите, ќе забраниме свински јадења, како што направија некои земји. Стравот е лош, но претпазливоста е добра, рече Земан изјаснувајќи се за безбедносната состојба во Чешка и мерките кои се преземаат за нејзино оддржување.