Чешкиот претседател Милош Земан изјави дека вратата на неговиот Кабинет е затворена за американскиот амбасадор во Чешка Ендрју Шапиро, заради критиките кои овој му ги упати заради планираната посета на Москва во мај, на прославата по повод 70-годишнината од крајот на Втората светска војна.
– Не можам да замислам дека чешкиот амбасадор во Вашингтон му препорачува на претседател на САД каде да патува. И нема да дозволам кој било амбасадор да ми зборува за плановите за моите посети во странство, изјави Земан за порталот ,,Парламентни листи”.
Од претседателите на земјите од Европската унија, според руските медиуми освен Земан во Москва ќе присуствувааг само највисоките претставници на Кипар и Грција.
Кај медиумите, големо внимание привлекува најавената посета на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун.
Присуството на Земан на прославата, го критикуваат некои коалициони партии и десничарската опозиција, а според најавите на чешката дипломатија Владата ќе го одобри учеството.
Повеќето западни политичари решија да ја бојкотираат руската прослава во знак на протест против руската анексија на украинскиот Крим и поддршката која Москва ја обезбедува на проруските сепаратисти во конфликтот во источниот дел на Украина.
Земан претходно изјави дека неговата посета на Русија ќе биде ,,израз на благодарност за фактот дека во неговата земја не се зборува на германски јазик.”
Во Русија патува со цел да изрази почит на 150.000 загинати советски војници, рече Земан.