Голем број на земји, членки на Европската унија (ЕУ), според чешкиот министер за надворешни работи, Лубомир Заоралек имаат забелешки за последниот предлог на Европската комисија за автоматско разместување на бегалците според одредена квота, јави дописникот на МИА од Прага.
Како што информираа локалните медиуми, Заоралек во изјавата по состанокот во Брисел, подвлече дека членките на Унијата, потсетиле на заклучоците на неодамнешниот самит за миграцијата кои зборувале во контекст на принципот на доброволност.
– Од тоа, Европската комисија значително се оддалечи и создаде систем автоматски и облигациски (задолжителен), вели во изјавата за медиумите Заоралек.
Тоа е во врска со предлогот на ЕК од минатата недела за прераспределба на бегалците од најпогодените земји во други земји на ЕУ врз основа на проценка и според големината на населението на државата, нејзината економија, бројот на невработеноста и слично.
Според Заоралек, членките на ЕУ не го оспоруваат постоењето на заедничкиот проблем предизвикан од моменталниот масовен бран на миграција коj треба да бидат заеднички управуван, но смета дека за тоа треба сите да се договорат, а не да биде наредено.
– На Чешка и пречи тоа што нема да има потполна контрола кого да пушти на својата територија и затоа своето ,,противење за квотите” го искажа гласно заедно со другите земји од Вишеградската група (В4), потсети Заоралек.