Чешкиот министер за надворешни работи Лубомир Заоралек изјави дека Чешка не може да живее без соработка со останатите европски земји, јави дописникот на МИА од Прага.
– Тековните турбулентни времиња кога се менуваат и преклопуваат разни кризи, Заоралек ги смета за можност да се покажат своите вештини и да се помогне да се промени општеството.
– Јас не се жалам на турбулентното време. Ми се чини дека тоа е можност. Секоја криза во исто време е и смена и промена и зависи како од неа ќе излезете, рече Заоралек.
Тој смета дека дипломатијата е алатка која може да му помогне на општеството да најде начин за излез од кризата.
– Ние не сме во можност да влијаеме на големите миграциски движења. Но, се работи за тоа, на кој начин при тоа ќе се однесуваме, како ќе излеземе од тоа, какви партнери ќе бидеме за нашата околина, што ќе мислат за нас и дали во иднина ќе не сметаат за партнери, кои треба да се почитуваат.
Шефот на чешката дипломатија е уверен дека Чешка има потреба од слобода и смета дека услов за тоа е таа да соработува со останатите европски земји, а не да биде изолирана.
– Треба да бидеме способни, во просторот на средна и источна Европа да гледаме позитивна агенда и заеднички пат, а не да се разединиме, рече Заоралек оценувајќи дека на Чешка и одговара модел за соработка, а за тоа е потребна стабилна Европа.