Осум земји-членки на ЕУ би можеле да добијат формално предупредување од Европската комисија во јуни доколку не преземат понатамошни мерки за да останат во рамките на фискалните правила на ЕУ за јавна потрошувачка, соопшти денес Европската комисија.
Европската Kомисија предупреди дека јавната потрошувачка во Шпанија, Унгарија, Малта, Холандија, Хрватска, Словенија, Литванија и Бугарија отстапува од договорените фискални патеки и ризикува да ги прекрши буџетските правила на ЕУ.
Според сегашната фискална рамка, земјите од ЕУ мора да ги одржуваат буџетските дефицити под 3 проценти од БДП, а јавниот долг под 60 проценти од БДП, објави „Еуроњуз“.
Комисијата ги оценува не само буџетските планови за следната година, туку и долгорочната одржливост на плановите за намалување на дефицитот.
„Ги повикуваме земјите-членки кои се изложени на ризик да ги преземат потребните мерки за да обезбедат усогласеност со правилата“, изјави европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис, нагласувајќи дека ова е особено важно за земјите во постапка за прекумерен дефицит.
Брисел, исто така, соопшти дека, врз основа на нацрт-буџетите на Хрватска, Литванија и Словенија, овие земји мора да вложат дополнителни напори за усогласување на нивните фискални политики за 2026 година со нивните среднорочни и долгорочни обврски кон ЕУ.
Шпанија сè уште не го доставила својот нацрт-буџет за 2026 година, но е идентификувана, заедно со Бугарија и Унгарија, како земја во ризик од кршење на фискалните правила на ЕУ поради надминување на договореното ниво на примарни нето трошоци.
Засега, Комисијата издаде препорака до овие земји да ги намалат трошоците во 2026 година.
Доколку националните влади ги игнорираат препораките, Брисел би можел да размисли за започнување постапка за казни напролет.
Европската комисија, исто така, денес одлучи формално да ја предупреди Финска за кршење на фискалните правила, една недела откако предупреди дека дефицитот на земјата ќе достигне 4,5 проценти од БДП оваа година.
Комисијата ќе препорача започнување постапка за прекумерен дефицит (EDP) против Финска во наредните недели, чекор што мора да го одобри Советот на министри за финансии на ЕУ.
Девет други земји од ЕУ, вклучувајќи ги Франција, Италија и Полска, веќе се во процедури за прекумерен дефицит, но Брисел сè уште не презема никакви нови чекори против нив.
Предупредувањето доаѓа откако на европските престолнини им се одобрени поголеми фискални концесии за зголемување на одбранбениот капацитет и индустриските инвестиции, делумно како одговор на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп земјите-членки на НАТО да трошат најмалку 5% од БДП за одбрана до 2035 година.
Комисијата претходно објави економска прогноза на 18 ноември во која се очекуваше економијата на ЕУ да продолжи да расте за 1,4%, и покрај тоа што САД ги тројно зголемија царините за европските стоки.
Полска и Шпанија се најголемите придонесувачи за овој раст, со проекции од 3,2% и 2,9% во 2025 година, што е далеку над просекот за остатокот од блокот.
Во исто време, трите најголеми економии на ЕУ, Германија, Франција и Италија, бележат минимален раст.
Сепак, Комисијата предупредува дека среднорочните прогнози остануваат неизвесни, иако економското влијание на американските царини е помало од очекуваното.
