Властите во Хонг Конг го ограничија движењето на транспортните работници на аеродромот и го контролираат пристапот до терминалите, подготвувајќи се за уште еден најавен протест по синоќешното насилство на градските улици.
Брзиот воз од центарот на Хонг Конг мора да вози директно до аеродромот без да застане на автобуските постојки, а само оние со билети за лет можат да влезат на терминалите, соопшти управата на аеродромот. Полицијата ги засили контролите врз патниците во возовите и автобусите за да ги идентификува демонстрантите.
Вчера полицијата испука гумени куршуми, солзавец и бибер спреј за да ги растера демонстрантите собрани пред метро станицата во густо населениот полуостров Каулун.
Демонстрантите вчера се заканија дека со протестите претстојниов викенд ќе ги прекинат сообраќајните врски до аеродромот.