Војската на САД работи на моќна супер-вакцина против коронавирус

Од:

„Супер вакцина“, „пан-коронавирусна вакцина“, „чудотворно оружје“, сето ова треба да биде SpNF вакцината против коронавирус, која моментално ја тестира Воениот истражувачки институт на САД.

Оваа шилеста-феритин-наночестичка-вакцина (Spike-Ferritin-Nanoparticle), скратено SpFN, е наменета да заштити од зараза со голем број на варијанти на коронавирус, а со тоа и да спречи идни пандемии. Редовното обновување на вакцинацијата би станало непотребно, дури и во случај да се појават нови варијанти, пишува Дојче веле.

SpFN е протеинска вакцина, а принципот на дејство е сличен на оној на производот на Новавакс, кој беше одобрен од Европската агенција за лекови (EMA) кон крајот на декември.

SpFN се базира на феритин, протеинска молекула која може да складира железо. Оваа молекула се претвора во „топка“ со 24 полиња, слично на фудбалска топка. Така, на секое од овие полиња може да се стави маркантен шилест протеин со различна варијанта на коронавирусот. Ова ја прави вакцината променлива и погодна за модификации.

Шилестата структура на таканаречените шилести протеини ја користат и вакцините кои веќе се одобрени. Шилците се како отворачи на врата кои се врзуваат за рецепторот ACE-2, дозволувајќи им на коронавирусите да навлезат во човечките клетки.

Со примањето на оваа вакцина се создаваат антитела кои се врзуваат за шилестиот протеин така што врзувањето со рецепторот повеќе не функционира и вирусот повеќе не може да ги инфицира клетките. Во исто време, вакцинацијата ги активира Т-клетките, кои во случај на инфекција ги препознаваат и убиваат заразените клетки и на тој начин го спречуваат размножувањето на вирусот.

Покрај тоа, за разлика од вакцината mRNA, SpFN не мора да се чува на многу ниски температури, што ја прави многу полесна за дистрибуција. Ова важи и за протеинската вакцина на Новавакс.

Вакцината SpFN беше развиена во американскиот воен институт за истражување Волтер Рид (WRAIR). Прво беше тестирана на резус мајмуни.

Вакцината создаде силни неутрализирачки антитела против оригиналниот коронавирус, како и против четири други соеви: алфа, бета, гама и делта. Таа била ефикасна дури и против вирусот САРС-1, иако овој тип на вирус значително се разликува од САРС-КоВ-2, информираат истражувачите од Институтот WRAIR во списанието Science Translational Medicine.

Според WRAIR, по успешното тестирање на мајмуни, почна првата фаза на тестирање на луѓе, што треба да покаже дали вакцината е подеднакво ефикасна и кај луѓето и дали добро се поднесува.

Би можело да ве интересира

Европската агенција за лекови ја препорача адаптираната бустер вакцина на Фајзер

Русија разви вакцина против новите варијанти на коронавирусот

Катерина Ѓуровски

Германец примил 87 вакцини против ковид

Четвртата доза ја зголемува заштитата од тешка форма на Ковид-19 за трипати покажува израелска анализа

Досега во светот се администрирани повеќе од девет милијарди вакцини против Ковид

Турција почна со масовно производство на вакцината против Ковид-19