Тајландскиот Комитет за подготовка на новиот Устав на државата денеска му предложи на преодниот премиер, генералот Прајут Кан-ока да организира референдум за новиот Устав на државата, чии содржини се во завршна фаза. Генералот Прајут, под чие раководство беше извршен државен удар во Тајланд, пред една година, соопшти дека нема да се спротивставува на организирањето на референдумот.
Конечниот предлог на новиот тајландски Устав, според најавите, ќе биде завршен во август, а референдумот би се организирал 90 дена по неговото објавување.
Според предложените уставни решенија, покрај избрани членови на Парламентот, во новиот законодавен дом ќе има и делегирани пратеници. Со ваквата одлука сегашниот режим сака да го намали влијанието на политичките партии, за кој тврди дека се генератори на политичката и социјалната криза која доведе до преземање на власта од страна на армијата.
За да го разбие влијанието на политичките партии, сегашната воена власт во новиот Устав предвидува и формирање на повеќе национални собранија чија функција би била ограничување на политичката моќ на идниот Парламент. Истовремено со парламентарците кои местата ќе ги добијат на избори,или со указ на кралското семејство, во Тајланд ќе функционираат Граѓански парламент, Совет за социјални реформи, Комитет за старатешки реформи и Национално собрание за етика. Без согласност на овие нови тела Парламентот не ќе може да ги менува законите.