Европскиот центар за контрола и превенција на болести во својот извештај за вакцинацијата против Ковид-19 во ЕУ наведува дека првата доза на вакцината ја примиле меѓу 0,9 и 3,8 проценти од возрасната популација во земјите-членки до крајот на минатиот месец.
Европската комисија побара забрзување на спроведувањето на вакцинацијата во ЕУ, со цел да се вакцинираат најмалку 70 проценти од возрасните Европејци до летото.
Во извештајот се наведува дека сите земји на ЕУ имаат стратегии и започнале кампањи за вакцинација, а 26 од нив потврдиле дека вакцинацијата против Ковид-19 не е задолжителна.
Во повеќето земји, кампањите за вакцинирање започнаа во периодот меѓу 26 и 31 декември 2020 година, кратко време откако беа доставени првите дози од вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“. До 28 јануари, најмалку 22 земји објавија дека започнале да ја користат вакцината на Модерна, се вели во извештајот.
Процентот на употребени вакцини во земјите-членки на ЕУ се движи од 21,5 до 100 проценти.