Најмалку 35 екстремисти се убиени во денешните воздушни напади на пакистанските воени авиони на три засолништа на талбаниците во близина на границата со Авганистан, соопшти пакистанската војска.
Во соопштението на војската се наведува дека денешните напади се изведени во регионот Северен Вазиристан, каде пакистанската војска спроведува голема офанзива против екстремистите од средината на јуни.
Во Северен Вазиристан живее локално население и екстремистите поврзани со терористичката мрежа Ал Каеда, вклучувајќи и групи кои изведуваат напади од другата страна на границата во Авганистан врз американските војници и припадниците на НАТО силите.
Во операцијата на пакистанската војска во тоа подрачје до сега се убиени повеќе од 900 екстремисти.