Тајландската полиција во ноќта меѓу понеделник и вторник откри пет нови масовни гробници, за кои се претпоставува дека во нив се погребувани илегални емигранти од Мјанмар и Бангладеш, кои со посредство на трговци со луѓе требало од Тајланд да преминат во Малезија. Претходно, во близина на оваа локација во пограничниот појас меѓу Тајланд и Малезија форензичарите пронајдоа 26 тела закопани во масовна гробница. Се претпоставува дека сите се припадници на племето Рохингја, муслиманско малцинство што живее во Мјанмар и Бангладеш.
Откривањето на петте нови гробници беше повод лично јавно да реагира вода;от на воениот удар од мај минатата година, генералот Прајут Кан-ока, кој упати остри зборови со предупредување за локалните функционери кои се поврзуваат со посредување во илегалниот транспорт на луѓе. Генралот Прајут, кој сега формално е преоден премiер , издаде наредба за целосно скенирање на областите во џунглата за кои се претпоставува дека ги кријат камповите во кои илегалните емигранти чекаат да бидат префрлени во Малезија.
Според двајца емигранти од Мјанмар, кои пред десет дена избегале од логорот каде што биле чувани, а од нивните кажувања полицијата ги најде логорот и гробовите, тие што чекале да преминат од Тајланд во Малезија биле чувани во кавези од бамбус. Трговците од нив барале повеќе пари за да го продолжат патот кон Малезија, но и за, евентуално, да се вратат дома. Оние што не плаќале, според сознанијата на полицијата, биле до смрт измачувани со глад.