Во борбите за контрола на рудниците за злато во реонот Дарфур, од јануари до денес животот го загубија повеќе од 500 луѓе, а уништени се 68 села, изјави денеска суданскиот пратеник Адам Шеика.
Обединетите нации претходно соопштија дека во судирите меѓу племињата Бани Хусеин и Ризеигат во Џебал Амер во Северен Дарфур, убиени се повеќе од сто луѓе.
Шеика денес изјави за новинарите дека од почетокот на насилствата убиени се 510 луѓе, 865 повредени, 15 жени биле силувани, 68 села биле целосно изгорени, а 120 делумно и дека на околу 20.000 раселени семејства им е потребна итна помош во храна, пренесува Ројтерс.
Градот Ел Сиреф во моментов е преполн со речиси 60.000 луѓе кои побегнале од своите домови кога борбите пламнаа во јануари, прецизираше во своето соопштение, Али ал-Затари, хуманитарен координатор на ОН за Судан.
Организацијата за заштита на човековите права и Обединетите нации проценуваат дека повеќе стотици луѓе погинале во Дарфур од почетокот на конфликтот.