Суданските безбедносни сили денска убија четворица демонстранти, а повредија неколку десетици во предградието на Картум, Омдурман, соопшти продемократскиот синдикат на лекарите.
Суданските безбедносни сили покрај воена муниција, употребија и солзавец врз демонстрантите кои протестираат против октомврискиот воен удар.
Денешните протести се одржаа и покрај заострените безбедносни мерки и блокади на мостовите и патиштата, демонстрантите маршираа во Картум извикувајќи „Револуција! Местото на армијата е во касарните“.
Суданските власти и денеска го блокираа интернетот пред протестите, како и за време на претходните демонстрации.
– Нашиот став е јасен, ние сме против какви биле преговори, партнерство или компромис со армијата, изјави еден од демонстрантите, при тоа додавајќи дека граѓаните излегле на улица за да ја соборат од власт воената хунта и Судан да има демократска цивилна власт.
Протести денеска се одржаа и во други делови од Судан, вклучително и провинциите Касал и Западен Дарфур.
Во април 2019 година суданската армија го собори од власт долгогодишниот автократски претседател Омар ал Башир, а потоа беше формирана воено-цивилната влада на премиерот Абдала Хамдок. На 25 октомври годинава беше извршен втор воен удар, поради што Суданците излегоа на улица. За време на протестите загинаа најмалку 47 луѓе, а стотици се повредени.