Воениот огранок на сириската курдска партија „Демократски сојуз“, познат како „Сили за заштита на народот“, се приклучи кон нов воен сојуз, кој ќе се нарекува „Демократски сили на Сирија“ и ќе се бори против групата Исламска држава (ИД).
Во составот на новото здружение се наоѓаат и неколку арапски вооружени групи и асириски единици. Неговото формирање е објавено откако САД практично се откажаа да продолжат со програмата за обука надвор од Сирија и соопштија дека наместо тоа ќе се фокусираат врз испораките на оружје за локални групи, чии командири се проверени и одобрени од американската страна.
„Силите за заштита на народот“ досега се покажаа како најефикасен партнер во копнените операции на коалицијата предводена од САД, која извршува воздушни напади против ИД.