[staff name=”Јасна Атанасова” position=”Автор”][/staff]
Истражување направено од државни службеници во јужниот дел на Шведска и Hästnäringens nationella stiftelse (Асоцијација за коњска индустрија) покажа неочекуван јаз во бројот на смрт на коњи регистрирани во Шведска. Надлежните планираат да испитаат зошто секоја година снемува околу 9 илјади коњи, а претпоставката е дека завршуваат во фабриките за храна во Европа.
Во Шведска има 360 илјади коњи, со просечен живот од 15 години, и според статистиките треба годишно да умираат околу 20 илјади коњи, пишува весникот Svenska Dagbladet. Меѓутоа, бројките не се сложуваат.
„Најдовме само 14 илјади во статистиката, а го превртевме секој камен при нашето истражување. Има јаз од 4 илјади до 9 илјади коњи секоја година“ вели Каролина Торел, од Асоцијацијата.
Торел понуди неколку објаснувања како фактот дека некои коњи подолго живееле, дека нивните сопственици ги купувале без потребни дозволи, или дека животните завршуваат во кланиците надвор од Шведска.
Матиас Гордпунд од ветеринарната инспекција од Сконе, јужна Шведска, објаснува дека едвај се врши контрола на животните кои ја напуштаат земјата. Тој тврди дека вредноста на еден коњ во касапница во Шведска изнесува 2 илјади шведски круни, околу 315 долари, а цената на истиот во Данска е два пати поголема, три пати поголема во Белгија, а дури четири пати во Италија.
„Нема интерес ова да се прави легално“, вели тој.
Оваа недела, шведската компанија за храна „Финдус“ беше под осуда на јавноста, кога во нивните подготвени лазањи, кои требало да се дистрибуираат во шведските маркети, било најдено коњско месо, во некои случаи и до 90 отсто, иако на декларацијата стои дека е телешко месо. „Финдус“ го обвини својот набавувач, фирмата „Comigel“ со седиште во Белгија. По откритието, 20 илјади пакувања од оваа храна беа уништени.