Пред судската зграда во пакистанскиот град Лахор денеска семејството ја каменуваше и погуби 25-годишна Фарзана Икбал, која се омажила од љубов.
Фарзана Икбал била гаѓана со тули пред зградата на Врховниот суд од околу десетина мажи, меѓу кои биле и татко и, двајца браќа и нејзиниот поранешниот вереник. Таа се здобиле со тешки повреди на главата од кои починала во болница.
Извршителите на убиството побегнале од полицијата. Единствениот уапсен бил таткото на Икбал, кој признал дека ја убил својата ќерка за да ја зачува семејната чест.
Според традиционалните обичаи, што се уште се присутни низ Пакистан, жената е должна да се омажи за оној кого ќе и го изберат мажите од семејството.
Секоја година околу 1.000 пакистански жени стануваат жртви на „убиства заради чест“, извршувани со учество на нивните семејства, наведуваат организациите за заштита на човековите права.
Реалната бројка веројатно е многу поголема, бидејќи податоците на активистите се собираат само по информации во печатот, а властите не водат таква статистика.
Многу малку извршители на „убиства поради чест“ се изведуваат пред судот, а процесите траат со години и честопати завршуваат со ослободување на обвинетите.