Четворица конгресмени од двете партии синоќа предложија нацрт-закон за осуда и дополнителни санкции против Евгениј Пригожин, кој е дел од кругот најблиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.
Се предлага воведување пакет од ограничувачки мерки „поради неговите натамошни напади на Соединетите Држави и нивните сојузници“.
Елиот Енгел, конгресмен-демократ и раководител на Комисијата за надвореши работи при Претставничкиот дом, изјави дека „Евгениј Пригожин е марионета на Путин со долга историја на поткопување на безбедноста и интересите на САД во интерес на Русија“.
Како пример, Енгел се осврна на вмешаноста на „фабриката за тролови“, структура под управа на компании на Пригожин, во американските избори во 2016 и 2018 година, како и операциите на воените наемници од „групата Вагнер“ во Украина, Сирија, Либија и Африка.
Пригожин стана дел од политичката елита на Москва откако на почетокот на овој век го привлече вниманието на рускиот врв како сопственик на елитни ресторани во Санкт Петербург, каде честопати гостуваа делегации од градската и државна власт, но и самиот Путин. Во 2001 година на бродот-ресторан „Њу ајленд“ рускиот претседател имаше вечера со поранешниот француски претседател Жак Ширак, а во 2002 година, пак, таму гостин на Путин му беше неговиот американски колега Џорџ Буш Помладиот, Во 2003 година претседателот на бродот го славеше својот роденден. По ова Пригожин стана познат како „готвачот на Путин“.
Оттогаш неговите кетеринг компании добиваа тендери вредни милијарди рубљи за набавка и достава на храна за армиски, школски и други државни структури.
Меѓудругото, нацрт-законот предложен од американскиот Конгрес предвидува убедување на државите кои сработуваат со структури под контрола на Пригожин да прекинат со таквата соработка; воведување дополнителни санкции; соработка со странските партнери на САД со цел нивно убедување да преземат слични мерки.