Во Италија од денеска стапуваат во сила нови рестрикции поврзани со епидемијата на коронавирусот, вклучително и казни за невакцинирани лица над 50 години, кои ќе важат и за странците кои живеат во земјата.
Луѓето кои влегуваат во Италија од други земји на ЕУ кои обезбедуваат доказ за целосна вакцинација или потврда за прележан Ковид-19, од денеска нема да бидат обврзани да имаат негативен тест како предуслов за влез во земјата.
Поради многу заразната варијанта – омикрон, тест досега беше задолжителен за сите, без разлика на статусот.
Од почетокот на јануари, вакцинацијата против Ковид-19 е задолжителна за лицата над 50 години. Од денеска, лицата од оваа возрасна група кои сè уште не биле вакцинирани – или не примиле втора доза или бустер доза и покрај тоа што имаат можност да го сторат тоа – ќе бидат казнети со 100 евра.
Мерката останува во сила до 15 јуни и се однесува на сите жители на возраст над 50 години, вклучително и странски државјани.
Од 15 февруари и оваа возрасна група ќе треба да достави доказ за вакцинација или прележан Ковид-19 на работа и ќе биде принудена да работи од далечина доколку не е во можност да го стори тоа.
Оние кои ќе ги прекршат мерките се соочуваат со казни од 600 до 1.500 евра.
Промени има и во однос на купувањето.
Од денеска посетителите на книжарниците, банките или канцелариите ќе треба да покажат потврди за вакцинација или прележана болест.
Тоа не е случај во супермаркетите и аптеките.
Во Италија, која има околу 60 милиони жители, речиси 81 отсто од вкупното население е вакцинирано против Ковид-19.
Извор: МИА