Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и веројатно иден германски канцелар Фридрих Мерц за време на презентацијата на коалицискиот договор на идната демохристијанско-социјалдемократска влада во Берлин изјави дека договорот е силен сигнал за Германија, но и за Европската унија.
„Германија добива ефикасна и силна влада, тоа е порака до нашите европски партнери. Европа може да се потпре на Германија“, рече Мерц по завршувањето на коалициските преговори меѓу Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Мерц ги пофали брзите и хармонични преговори со СПД и заклучи дека тоа е важна основа за идната соработка.
„Заедно дојдовме до овој договор и мислам дека тоа е добра основа за работата на владата во следниот изборен период“, рече Мерц.
Тој изрази уверување дека новата влада ќе започне со работа „најдоцна на почетокот на мај“.
„Иднината на нашата земја, нашите граѓани, но и иднината на Европа е во прашање“, рече Мерц.
Мерц ги истакна даночните намалувања, новите инвестиции и инвестициите во инфраструктурата како најважни елементи на коалицискиот договор. За да се помогне на индустријата, особено на онаа која зависи од евтината енергија, се планира намалување на даноците за струја.
Меѓу важните точки на договорот, како што нагласи Мерц, е крајот на нерегулираната миграција и измените во законот кон странците, кои вклучуваат промена на неодамна донесениот закон за државјанство, така што стекнувањето германско државјанство повторно ќе биде можно дури по пет години наместо претходните три.
Мерц рече дека формирањето влада ќе го намали подемот на десничарската Алтернатива за Германија (AfD), која бележи зголемување на нејзината популарност во анкетите во последните денови.
„Кога граѓаните ќе сфатат дека партиите од центарот не само што можат да ги видат, туку и да ги решат проблемите што ја мачат земјата, тоа ќе им го одземе теренот на екстремистите“, рече Мерц.
Лидерот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Содер рече дека коалицискиот договор е „пакт за Германија“, но и сигнал во странство „дека Германија се враќа“.