Во фармерките се обиде да шверцува природни и синтетички дијаманти вредни над 50.000 евра

Од:

Руски државјанин е осуден откако се обиде да внесе стотици непријавени дијаманти скриени во џебот од фармерките од Дубаи во Русија, објавува РИА Новости, повикувајќи се на судски документи.

Според резултатите од истрагата, тој купил вкупно 330 сечени природни и синтетички дијаманти во Дубаи, по што пристигнал на еден од московските аеродроми.

Иако поседувал вредни предмети кои подлежат на задолжителна царинска декларација, тој решил да помине низ таканаречениот „зелен коридор“, кој е наменет за патници без стока за декларирање.

Царинските службеници, сепак, го издвоиле за контрола врз основа на претходно собрани оперативни информации.

При прегледот на неговиот рачен багаж, пронајдени се осум сертификати од Меѓународниот гемолошки институт, додека при детален претрес се откриени четири пакети со дијаманти со различни форми и големини скриени во десниот џеб од неговите фармерки.

Вештачењето утврдило дека вредноста на запленетите камења надминува 50.000 евра.

Во текот на постапката, судот утврдил дека обвинетиот претходно пријавил скап дијамантски прстен во „црвениот коридор“ кога ја напуштил Русија за привремен извоз, што, според мислењето на судот, покажува дека бил запознаен со правилата за царинска декларација.

За време на судењето, мажот се изјаснил за виновен и изјавил дека имал намера да ги искористи дијамантите за изработка на лична нараквица.

Судот го осуди на парична казна од околу 1.700 евра, додека сите 330 дијаманти биле трајно конфискувани во корист на државата.

Би можело да ве интересира

Русите нападнаа изложба на оружје во близина на Киев, има мртви и ранети

Фолкер Турк се соочува со отпор од Москва и Тел Авив за нов мандат

Началникот на американскиот Генералштаб: Русија не е пријател на САД

Украинците повторно ги напаѓаат магацините на „рускиот Амазон“, пожари во Ленинградската област

(ВИДЕО) Најмалку 18 повредени во напад врз Запорожје

Горан Наумовски

Захарова: Во Велика Британија владее сукцесија и во политиката, не само во монархијата