Од вкупно 800 Чеси, кои се тестирале на присуство на вирусот Зика, кај 16 е потврдена инфекцијатa, а кај 15 се најдени антитела што покажуваат дека ја прележале болеста, соопшти Хана Зелена, раководител на Одделението за вирусологија на Заводот за здравствена заштита во Острава.
Според експертите, како што јави дописникот на МИА од Прага, меѓу заболените нема ниту еден од учесниците во летните Олимписки игри кои се одржаа во Бразил.
Олимпијците имаат право на бесплатен тест за присуство на вирусот Зика до крајот на ноември.
Болеста се појави во латиноамериканскиот и карипскиот регион, каде се регистрирани над 200.000 заболени, а оделни случаи се појавија и во Европа и Азија.
Според лекарите, инфекцијата од вирусот Зика се пренесува преку одреден вид на комарци и по сексуален пат. Иако болеста не е тешка, експертите претпоставуваат дека вирусот е опасен за бремените жени бидејќи предизвикува оштетување на плодот, а Светската здравствена организација (СЗО) прогласи вонредна состојба на глобално ниво.