Во Берлин уапсен главниот осомничен во снимањето на аферата „Ибица“

Од:

Германската полиција го уапси главниот осомничен за снимањето на таканаречената афера „Ибица“, со која беше соборен врвот на Австриската партија за слобода (ФПО), а потоа и австриската Влада.

Станува збор за приватниот детектив Џулијан Х., кој се криел во Берлин.

Детективот бил специјалист за индустриска шпионажа и заедно со виенски адвокат важи за „мозокот“ на планот за видеото на Ибица. Тој ангажирал девојка, која се претставувала како наводна внука на руски милијардер, и изнајмил вила во која е снимано седумчасовното видео.

На средбите со тогашниот потпретседател на ФПО, Јохан Гуденус, и наводниот руски милијардер, тој ја играл улогата на преведувач и придружник.

Детективот, исто така, се појавува и во видеото за „Ибица“, бидејќи постојано разговорот го насочувал кон скокотливи теми, како што се донациите за партиите.

По 1,5 година бегство, тој е уапсен врз основа на европска потерница.

Решавачко за апсењето биле информации од романската полиција, бидејќи, како што е соопштено од Букурешт, Џулијан со лет од Источна Европа пристигнал во Берлин, каде се криел подолго време.

Со апсењето на главниот осомничен, австриската полиција се надева дека ќе го открие идентитетот на девојчето кое ја играло Русинката, како и, пред се, кој го финансирал снимањето на видео материјалот.

Тогашниот лидер на ФПО и австриски вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе беше принуден да се повлече од сите политички позиции поради содржината на разговорите во видеото од Ибица.

Имено, Штрахе на Русинката и понудил државни бизниси за финансиска помош на неговата партија, заобиколувајќи ги ревизорските органи.

Би можело да ве интересира

Паника во Европската Унија – доаѓа нов Орбан, склучил „пакт“ со Путин

А1он

(ВИДЕО) Австрискиот канцелар поднесе оставка, преговорите за коалициската влада пропаднаа

А1он

Австрија ќе почне да ги депортира Сиријците

Горан Наумовски

Австрија ќе го укине ветото за прием на Романија и Бугарија во Шенген

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Русија ја прекина испораката на гас за Австрија поради спор околу плаќањето

Горан Наумовски