Најмалку 15 цивили загинаа, а 80 се повредени во пакистански граничен артилериски оган, соопштија авганистанските власти, додавајќи дека Кабул поради тоа ги ставил во подготвеност своите копнени и воздушни сили.
Артилерискиот оган следувал по судирите меѓу пакистанските и авганистанските безбедносни сили на затворената граница Чаман-Спин Болдак, каде толпа луѓе од обете страни чекале да ја преминат границата поради муслиманскиот празник Курбан-бајрам.
Доколку пакистанската армија продолжи со ракетни напади на авганистанска територија, таа ќе се соочи со одмазда на авганистанската армија, се наведува во соопштението на авганистанското Министерство за одбрана.
Гувернерот на југоисточната авганистанска провинција Кандахар, Хајатулах Хајат изјави дека гранатите паднале во станбените области на Спин Болдак и дека меѓу загинатите и повредените има жени и деца.