Властите во САД бараат Фејсбук да се лиши од Инстаграм и Ватсап

Од:

Коалиција од 46 сојузни држави синоќа поднесе колективна тужба против Фејсбук за злоупотребува на своето првенство на пазарот со социјалните мрежи и прегазување на конкуренцијата.

Антимонополска тужба против Фејсбук поднесе и Федералната трговска комисија (ФТЦ). Летиша Џејмс, главен обвинител на Њујорк, на прес-конференција синоќа изјави дека „треба да се запре со неоправдано агресивната практика на преземање компании и да се врати довербата на пазарот“.

За медиумите во САД, овој чекор на властите е „револуционерен“, во обидот да се спречи преголемата моќ на социјалната мрежа во медиумската сфера, која традиционално беше резревирана за новинските куќи и телевизиите.

Тужителите, меѓудругото, бараат судот да ја натера компанијата да се раздели на помали делови, поточно, да се лиши од месенџерот Ватсап и социјалната мрежа Инстаграм, контролирани од Фејсбук.

Слична тужба во октомври доби и Гугл, поради злоупотреба на својата доминантна положба во областа на онлајн-пребарувачите и рекламата на Интернет. Предмет на истраги во Конгресот се и компаниите Епл и Амазон, осомничени дека ја задушуваат конкуренцијата.

Џејмс посочи дека Фејсбук „го користи својат монопол за елиминација на помалите соперници и поттиснување на конкурентите, а на сметка на обичните корисници“.

Во 2019 година, поради нарушена приватност на корисниците и злоупотреба на нивните податоци, комисијата и испорача казна на компанијата во висина од пет милијарди долари, и воведе контролни правила и ограничувања за неа. Најголемата казна што некогаш била изречена на технолошка компанија не влијаеше видливо врз работата на Фејсбук.

За претставници на компанијата, овој чекор на властите е „ревизионизам“, се истакнува дека владата казнува бизниси кои успешно функционираат, и потсетуваат дека имено ФТЦ пред неколку години дала дозвола на компанијата да ги купи Инстаграм и Ватсап.

Фејсбук во 2012 година за Инстаграм плати милијарда долари, а Ватсап го купи во 2014 година за 19 милијарди долари. Компанијата тогаш вети дека апликациите ќе работат независно една од друга. Но со текот на времето, сите три сервиси се интегрираа, корисниците можат да ги поврзат своите налози од една во друга апликација, се разменуваат исти содржини на сите платформи.

Новоизбраниот претседател Џо Бајден претходно неколкупати даваше изјави за потребата од разгледување можности за фрагментација на технолошките гиганти, поради преголемата моќ што ја поседуваат. Бајден еднаш го нарече Марк Закерберг „вистински проблем“.

Фејсбук е најголемата социјална мрежа во светот со околу 2.7 милијарди корисници. Нејзината пазарна вредност е оценета на 800 милијарди долари, генералниот директор Закерберг е еден од петте најбогати луѓе во светот.

Главниот обвинител на Северна Каролина, Џош Стејн, смета дека судскиот процес против Фејсбук може целосно да ја смени ситуацијата на пазарот со социјални мрежи, како што тоа се случи на почетокот на 1980-те години на пазарот со телефонските комуникации, кога монополот во таа област на „AT&T“, беше принудно укинат со решение на судот.

Би можело да ве интересира

Фејсбук и Инстаграм се вратија, корисниците можат повторно да се логираат

Волстрит џурнал: Закерберг отпушта илјадници вработени од Мета платформс

Ана Ололовска

ФТ: Европски официјални лица побараа од Фејсбук и Твитер да затворат профили на повеќе од 100 руски амбасади и државни институции

Ана Ололовска

Твитер недостапен во Русија, проблеми и со Фејсбук и Инстаграм

Ана Ололовска

Фејсбук им забрани на руските државни медиуми реклами и монетизација на платформата

Ана Ололовска

Русија делумно го ограничи пристапот до Фејсбук

А1он